Градење успешна кариера преку младински гаранции

Градење успешна кариера преку младински гаранции

Во екот на кризата со невработеноста кај младите во Европа, концептот на NEET (млади луѓе кои не се вработени, не се во образование или обука), добива на сила во сите земји членки на Европската Унија како алатка за подобро да се проценат предизвиците на младите луѓе кои се изложени на ризик од исклучување на пазарот на трудот. 

Тоа е, исто така, еден од индикаторите за мерење на напредокот кон Целите за одржлив развој. И покрај некои критики (Елдер, 2015), поимот NEET може да послужи за редефинирање на целите на вработувањето и социјалната политика со привлекување внимание на маргинализираните поединци кои бараат конкретни решенија за вклучување на пазарот на трудот. 

Најмногу регистрирани млади невработени лица во ЕУ се забележани во 2013 година, приближно 4,7 милиони. Тоа е период во кој европските држави се соочија со две големи кризи (Големата рецесија и Европската должничка криза) кои влијаеја врз зголемување на бројот на невработените млади лица. Во периодот до 2019 година, се забележуваат позитивни трендови, односно намалување на бројот на невработените млади лица на вкупно 2,7 милиони во 2019. 

Почетокот на пандемијата предизвика повторен пораст на бројот на невработени млади лица во Унијата. Така, споредено со 2019 година, во 2020 година бројот на невработени млади се зголеми за 216 000 лица, односно вкупниот број на невработени млади се приближи до 3 милиони.  

Извор: ЕУРОСТАТ

Оваа проблематика не ја одминува и нашата држава.  Соочена со предизвикот на висок процент на младинска невработеност (околу 35%),  во Р. Северна Македонија, се повеќе се актуелизира и кризата заради недостигот на одредени професии за кои постојат отворени работни позиции на пазарот на труд. Односно, постои впечатлива диспропорција меѓу понудата и побарувачката на работни места и работна сила. Дефицит  во едни, а суфицит во други професии.

Академските напори да се најде објаснување за неповолната ситуација во којашто се младите луѓе во нашата држава, упатуваат, меѓу другото, кон неколку клучни причини за високата стапка на младинска невработеност:

  • најголем процент од младите не се водат од своите интереси, способности и вредности при избор на занимање/професија, што подоцна ги прави неконкурентни на пазарот на труд;
  • недоволна информираност за пазарот на трудот; 
  • недостиг на вештини за информирано донесување на одлуки;
  • недоволна подготвеност за активно барање работа или недостиг на компетенции за да го олеснат таквиот потфат;
  • демотивираност и вознемиреност која ја слабее и самата идеја да бараат работа. 

Ако се анализираат сите овие предизвици во однос на областите кои ги покрива кариерното советување/водство, јасна е директната поврзаност која може да биде поле на делување. Делумно, решението за надминување на ваквите состојби, беше препознаено во програмата Младински гаранции, која меѓудругото дава поддршка и за воведување и унапредување на кариерното советување/водство. 

Република С. Македонија е единствената земја во регионот, која сеуште не е членка на европската унија а ја воведе програмата младински гаранции во 2018 год,  како мерка за зголемување на вработливоста на младите луѓе. Најнапред како пилот проект во три општини, а денес на територијата на целата држава, како мерка која ја спроведува Агенцијата за вработување на Р.С. Македонија. Во овој поглед, кога владите и социјалните партнери поставуваат цели за намалување на бројот на NEET преку мерки како што е младинската гаранција, мора да се земе предвид хетерогеноста на популацијата NEET и специфичните карактеристики на подгрупите (Eurofound, 2016).

Младинската гаранција претставува сет на мерки кои имаат за цел да гарантираат за
квалитетни услуги кои им се нудат на младите во насока на вработување, континуирана
едукација, доедукаиција, пракса и тренинг.

Како модел, младинската гаранција за прв пат се забележува во Финска и Скандинавија во 80тите и 90тите години на минатиот век. Низ годините, во различни земји се забележуваат различни облици на овој модел, согласно природата и различните потреби на пазарот на трудот.
На ниво на Европска унија, младинската гаранција во 2012 станува дел од препораките за
зголемување на вработеноста на младите до 25 години, кои ги предложува Европската комисија,на предлог на Европскиот совет и Европскиот парламент, до земјите членки.

Со  мерката Младинска гаранција  во Р.С.Македонијас е  предвидени активности насочени кон подобрување на статусот и животот на младите. Истата има за цел на младите лица (15-29 годишна возраст) да им обезбеди понуда за вработување, можност за продолжување на образованието, практична работа или обука за подготовка за вработување.  Генералната идеја е да се мотивираат младите да останат во Северна Македонија, како и да се создадат вештини кај младите луѓе за да можат полесно да најдат работа. 

Секако, неизбежно во целиот процес е кариерното советување/водство кое мора да биде присутно со сите фази на градење капацитети  и планирање на кариера кај младите.

Претходно ЕЛЕКТРОНСКИОТ САЕМ ЗА КАРИЕРЕН РАЗВОЈ, КАКО АЛАТКА ЗА КАРИЕРНО НАСОЧУВАЊЕ НА МЛАДИ

Следете нѐ

Корисни линкови

LogoFooter

Кузман Јосифовски Питу 17, 1000 Скопје

Пон – Пет: 07:30  – 16:30 

Еврогајденс Северна Македонија | 2023 - Сите права задржани ©