Како да ги запознаете децата од предучилишна возраст со различни професии

Како да ги запознаете децата од предучилишна возраст со различни професии

Запознавање на деца од предучилишна возраст со различни професии

Секој момент од животот на детето е можност за учење, истражување и самоспознавање кое понатаму му помага да научи како да се интегрира во општеството во кое живее, работи и твори. Од друга страна, професијата и кариерата се едни од оновните компоненти во животот на човекот за кои сакале или не размислуваме уште од периодот на детство.

Но, како да им го приближиме светот на професиите на децата од предучилишна возраст без да им го нарушиме светот на фантазијата и играта? За да одговорам на тоа прашање, ќе се осврнам на тоа зошто е важно децата од предучилишна возраст да се запознат со различни професии и кои активности можеме да ги спроведеме за да им го приближиме светот на професиите.

Зошто е Важно Децата да Истражуваат Различни Професии?

Знаеме дека децата во предучилишниот период најдобро учат преку игра, па а со помош на игра можеме да им помогнеме да сфатат како функционира светот во кој тие живеат. Поради тоа, од огромна важност е да им помогнеме на децата да се запознаат со светот на професиите, поимот кариера и кај нив да дополнително да ја поттикнеме природната љубопитност.

Но, како да го направиме тоа на најефикасен начин истовремено земајќи го во предвид начинот на кој децата најлесно учат, а исто така и нивните когнитивни способности? Во продолжение ќе разгледаме неколку активности кои ќе ви помогнат да му објасните на предучилишните деца што е тоа кариера и да ги поттикнете да размислуваат за различни професии уште од најрана возраст.

Доколку пристапите на ваков начин кон истражувањето на професиите, децата несомнено ќе уживаат во процесот, а ќе уживате и вие без разлика дали сте родител или лице вработено во предучилишна установа.

Теорија за Кариерен Развој на Доналд Супер

Со цел подобро да го сфатиме развојниот период во кој се наоѓаат децата од предучилишна возраст и да можеме подобро да ги адаптираме активностите кои ќе ги работиме со нив, ќе се служиме со теоријата на Доналд супер и нејзините фази за развој на кариера.

Според оваа теорија за кариерен развој од 1980 година, секој човек поминува низ различни фази додека се развива и гради кариера. На развојот делуваат личните искуства кои заедно со изборот на професијата го создаваат „поимот за себе„ кој го има секоја личност. Како што поимот за себе станува постабилен така личноста носи позрели кариерни одлуки и може да го избере вистинскиот кариерен пат за себе.

Според Супер, човекот поминува низ неколку фази за време на „животното виножито“, односно развојот на кариерата и секоја се карактеризира со посебни улоги и одговорности. Моментално ќе се задржам на првата фаза на развој на кариера – фазата на фантазија.

Оваа е фазата во која се развиваат интересите, вештните, вредностите и сликата за себе. Во рамки на оваа фаза може да се детектира надареност кај децата доколку ја имаат, но и се детектираат отстапувања во детскиот развој. Доколку не се употребат вистинските методи на работа, детето може да се обесхрабри и сето тоа негативно да делува врз желбата за самоспознавање и спознавање на светот на професиите кај детето.

Теоријата на Супер дефинира еден начин на кој индивидуата би можела да ја развива својата кариера уште од најрана возраст, а останува на нас, кариерните советници и останатите професионалци кои работат со децата од предучилишна возраст да им помогнеме да го извлечат максимумот од истата.

Фаза на развој (0 – 14 години)

Кога ја разгледуваме професионалната ориентација низ призмата на предучилишните деца, најчесто ја разгледуваме првата фаза од „животното виножито“ и првата потфаза. Според Супер, оваа фаза е една од најклучните бидејќи токму во овој период детето ја гради првичната слика за себе и развива ставови за светот. Во почетокот на овој период кај децата има многу брз психофизички развој, но тие сè уште не го гледаат светот низ призмата на реалноста, напротив, фантазијата е таа која преовладува. Овој период се карактеризира со неколку потфази и тоа:

  • Фантазија (4 – 10 години) – период во кој кај децата преовладува фантазијата и идеите кои ги имаат за професиите се најчесто нереални. Но, тоа не треба да биде причина за да не се поттикнува љубопитност кај децата за одредени професии преку различни активности, игри и работилници кои ја поттикнуваат детската фантазија и љубопитност. Во овој период децата се идентификуваат со професиите на луѓето со кои се опкружени и често влегуваат во улогите на одредени професии врз основа на тоа што го гледаат.
  • Развој на интереси (11 – 12 години) – период во кој најголем дел на децата се веќе свесни за дел од интересите кои ги имаат и истите се често основа за развивање на интерес за одредена кариера и за понатамошниот избор на кариера.
  • Развој на способности (13 – 14 години) – период во кој децата веќе ги поврзуваат своите интереси со одредени способности кои се бараат на некое работно место и

во одредена кариера. Овој период исто така се поклопува со една од првите кариерни транзиции кои детето треба да ги направи.

Доколку се обидеме да му го објасниме поимот кариера на дете од предучилишна возраст сигурно ќе се соочиме со предизвик. Истиот најверојатно би го дефинирале со помош на поимот работа, но кариерата не претставува само работа. Со цел полесно да ја претставиме кариерата и светот на професиите на децата, најдобро е да се служиме со методот кој тие најдобро го разбираат, односно преку игра и различни активности.

Активности за Истражување на Професии за Деца од

Предучилишна Возраст

Децата од предучилишна возраст се наоѓаат во почетниот дел од потфазата фантазија и веќе се подготвени за да започнат со истражување на различни професии. Лицата кои работат со децата од предучилишна возраст, како и родителите кои се грижат за децата, можат да им овозможат да истражуваат различни кариери со помош на некои од следните активности.

Читање Приказни за Различни Професии

Знаеме дека децата уживаат кога возрасните им читаат книги, а читањето книги им нуди одлична шанса да се запознаат со различни професии. Откако ќе ја прочитате книгата, водете дискусија за професиите и како истите се извршуваат и поттикнете ги да поставуваат прашања и да ги споделуваат своите мислења. Читајќи различни книги со децата тие ќе ги прошират своите знаења и ќе фантазираат за различните кариерни патеки.

Игра на Улоги

Наједноставен начин за истражување на различни кариери е да им овозможите на децата да влезат во улога на некој професионалец. Обезбедете им костими и реквизити поврзани со различни кариери и дозволете им да влезат во улогата на градежник, докторка, учител, адвокатка, готвач и секоја друга кариера која ви паѓа на памет. Играњето улоги им овозможува на децата од оваа возраст да се идентификуваат со различните професионалци и полесно да ги разберат задачите и одговорностите кои се поврзани со секоја професија.

Игра со Различни Професии

Споменав дека најлесниот начин на кој децата учат и истражуваат е преку игра. Еден тип на игра која е соодветна за децата од предучилишна возраст е играта на поврзување. Изберете неколку професии и алатките кои ги користат тие професионалци и направете поединечни картички за секоја професија и алатка. Потоа од децата побарајте да ја поврзат секоја професија со алатките кои ги користи. Бидејќи децата на оваа возраст не

можат да читаат, користете слики од различните професии и алатките кои ги користи секој професионалец во конкретната професија.

Организирање Екскурзии

Децата многу брзо учат преку своето искуство, па доколку сакаме да научат повеќе за светот на професиите, треба да им го овозможиме тоа. Соработувајте со локалните бизниси и институции и одведете ги децата на екскурзија каде на лице место ќе можат да се запознаат со различни професии. Посетете полициска станица, болница, противпожарна станица, различни локални бизниси и други институции кои би било интересно децата да ги истражат.

Соработка со Родители

Родителите на децата во една група во предучилишна установа имаат најразлични професии и кариери. Многу едноставно би било да ги поканите родителите кои би сакале да се вклучат во активности организирани од предучилишната установа да дојдат да поразговараат за својата кариера со децата. Доколку родителот носи униформа на своето работно место побарајте од него/ неа да ја носи истата кога ќе ја посети градинката. Пред посетата, подгответе ги децата за истата и охрабрете ги да поставуваат прашања за сѐ што ги интересира а е поврзано со конкретната професија.

Заклучок

Можеби на прв поглед ни изгледа дека е прерано за децата да размислуваат за кариера и професии на оваа возраст, но тоа не е баш така. Децата од предучилишна возраст се исклучително љубопитни, а светот на возрасните им изгледа многу интересен за истражување, па затоа овозможете им да откријат сѐ што тој им нуди.

Воведување на поимот кариера и професија уште од најрана возраст им овозможува на децата да истражуваат различни кариери без да се ограничени од одредени уверувања за професиите кои ги стекнуваме како што растеме.

Обезбедете безбедна и стимулативна средина во која ќе можат најдобро да се спознаат себе си, но и да го истражат светот кој ги опкружува. На тој начин им овозможуваме да развијат способност за собирање информации и истражување кои ќе им бидат потребни кога понатаму ќе почнат посериозно да ги истражуваат своите кариерни можности. А покрај тоа, верувајте дека ќе се забавуваат во текот на секоја активност. Како резултат на тоа, среќното и љубопитното дете се претвора во среќна и љубопитна индивидуа кога ќе порасне, а токму тоа и го сакаме за нашите деца, па ајде да го оствариме.

Автор: Христовска Изабела
Еврогајденс амбасадорка за Северна Македонија

Претходно Еврогајденс состанок и конференција

Leave Your Comment

Следете нѐ

Корисни линкови

LogoFooter

Кузман Јосифовски Питу 17, 1000 Скопје

Пон – Пет: 07:30  – 16:30 

Еврогајденс Северна Македонија | 2023 - Сите права задржани ©