Како да ја планирате кариерата: Важноста на самопроценката во процесот на кариерно планирање

Како да ја планирате кариерата: Важноста на самопроценката во процесот на кариерно планирање

Дали некогаш сте се запрашале како носите кариерни одлуки? Дали вашите избори во поглед на кариера и кариерни можности ги правите спонтано? Дали прашањето „Каде се гледаш себе си за 5 години“ кое регрутерите често го поставуваат на интервјуата ви се чини како најтешкото прашање на светот?

Доколку одговоривте со „да“ на барем едно од наведените прашања, вие сте на вистинското место бидејќи процесот на планирање кариера може да биде навистина едноставен доколку му пристапите на вистинскиот начин.

Како да ја планирате кариерата: Важноста на самопроценката во процесот на кариерно планирање

Како да ја планирате кариерата?

Планирањето кариера претставуваcap процес од неколку чекори кои постојано се повторуваат. Бидејќи кариерните можности и пазарот на трудот постојано се менуваат, на сличен начин се менуваат и вашите желби, цели и планови поврзани со кариерата, па затоа се појавува потреба повторно да се навратите на еден од чекорите за планирање кариера и да ги анализирате новонастанатите можности.

Воглавно процесот на планирање кариера можеме да го поделиме на 4 чекори и тоа:

1. Самопроценка
2. Истражување на можностите
3. Носење одлука и поставување цели
4. Преземање акција

Во следните неколку статии подетално ќе ги разработам главните чекори кои ќе ви користат при планирање на кариера, без разлика во кој период од вашата кариера се наоѓате.

Зошто е важно да ја планирате кариерата?

Овие чекори ќе ви користат доколку сте ученици кои сакаат да истражуваат потенцијални кариери, студенти кои се подготвуваат за влез на пазарот на трудот, професионалци кои се на врвот во својата професија, лица кои сакаат да променат работа или професија, професионалци кои се подготвуваат за повисока позиција во својата кариера, но исто така и лица кои се подготвуваат за пензионирање па размислуваат како сакаат да го искористат своето слободно време.

Сите горенаведени ситуации се периоди на кариерна транзиција во вашиот живот. Кариерната транзиција претставува промена во вашата кариера и истата може да вклучува премин од еден степен на образование во друг, од една индустрија во друга и истите често доаѓаат очекувано или неочекувано. Очекувано во ситуации кога свесно правите одлука за избор на следен степен на образование или нова работна позиција, а неочекувано како резултат на губење работа или организациски промени во компанијата.

Кариерните транзиции се периоди за време на кои е многу важно како ќе му пристапите на процесот на кариерно планирање. Доколку добро ги анализирате вашите способности и пазарот на трудот ќе направите информирана одлука која најчесто ве води до исполнување на вашите кариерни цели.

Самопроценка

Првиот и најважен чекор во планирањето кариера е самопроценката и истата е важно да се направи без разлика дали сте почетник кој ја започнува својата кариера или професионалец со долгогодишно искуство. Поради тоа што секој се менува во текот на својот живот поради сѐ она што го учи, искуствата кои ги стекнува, луѓето кои ги запознава и ситуациите во кои се наоѓа, самопроценката е клучна во планирањето кариера.

Овој чекор ви помага подобро да се запознаете себеси со цел полесно планирање на нашата кариера. При самопроценката важно е да ги разгледате следните аспекти:

  • Вредности
  • Интереси
  • Јаки страни
  • Слаби страни
  • Особини
  • Амбиции

Вредности

За да можете да ги идентификувате и поставите целите во вашата кариера, корисно е да се запрашате кои се вашите вредности на работното место. Вредностите како и сите други фактори за кои ќе разговараме се индивидуални и доколку ги истражите, истите ќе ви помогнат да добиете претстава како би сакале да изгледа вашето идеално работно место. Некои од вредностите кои луѓето често ги земаат во предвид при планирање на својата кариера се следниве:

  • Позитивно влијание на околината – клучна за индивидуи кои сакаат да направат општествени промени или промени во животот на одредена група на луѓе, а најчесто ја наоѓаме во помагачките професии како здравство, социјална работа, заштита на животна средина.
  • Рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот – значајна за оние кои сакаат да имаат баланс помеѓу работните обврски и семејниот живот.
  • Финансиска сигурност – некои луѓе ставаат фокус на кариерни патеки кои нудат одредени придобивки и конкурентни плати.
  • Независност – некои професионалци сакаат да носат одлуки самостојно и да имаат слобода да работат под свои услови.
  • Индивидуална или тимска работа – во зависност од тоа како најдобро работите можеби преферирате индивидуална работа, тимска работа или комбинација од двете.
  • Континуирано учење и личен развој – дел од професионалците бараат предизвикувачки работни места кои им нудат можност да го прошират своето знаење и да развиваат нови вештини.
  • Престиж и признание – за некои индивидуи важно е нивната кариера да им носи одреден социјален статус или да биде високо ценета во општеството.
  • Добра работна средина и култура – оваа вредност е особено важна за оние кои сакаат тимска работа при која е потребна поддршка, соработка и вклученост на сите лица од тимот.
  • Креативност во работата – одредени професионалци се повеќе наклонети кон професии кои ја поттикнуваат креативноста, иновативното решавање на проблеми и сакаат да развиваат нови идеи, продукти и често работат во креативни индустрии.
  • Стабилност и работна сигурност – важна вредност за оние кои се стремат да работат во индустрии каде има низок ризик од откази, стабилност и долгорочни перспективи за работа.

Препознавањето на вредностите кои сметате дека се неопходни при изборот на вашата кариера ви помага да се фокусирате и полесно да направите информиран избор за вашиот следен кариерен чекор. Размислувајте во насока на тоа каков живот сакате да водите и како кариерата би се интегрирала во тој живот. На тој начин ќе можете да заклучите кои вредности ви се најважни а кои помалку важни. Имајте во предвид дека вредностите се менуваат од лице до лице и генерално се резултат на вашите амбиции, лични предизвици и околности.

Интереси

Размислувањето за вашите интереси може многу да ви помогне при планирањето кариера доколку размислите како од нив можете да изградите кариера. Понекогаш некое хоби кои сте го негувале во детството може да биде знак кој ќе ве поттикне да ги истражите кариерните можности поврзани со истото.

Вашиот интерес кон овековечување на одредени моменти од животот може да ве одведе во голем број креативни професии во кои е важно документирање на одредени настани, фотографирање и креирање на визуелни материјали. Доколку пишаниот збор е нешто штови оди од рака, истражете во кои професии е особено важно да ја поседувате оваа способност.

Ако од друга страна повеќе се пронаоѓате во дигиталниот свет и наклонети сте кон работа со компјутери, можеби би било корисно да ја истражите ИТ сферата и различните позиции кои таа ги нуди. Доколку пак сакате да планирате и да ги организирате настаните, патувањата и други значајни моменти, корисно би било да анализирате професии во кои вашите организациски вештини би се истакнале.

Во овој чекор од процесот на кариерно планирање сите можности ви се отворени. Добро е да ги наведете сите интереси кои ги имате, да ги истражите професиите поврзани со нив, а на крај да направите рефлексија и да донесете заклучок за тоа кои ви изгледаат како најдобра можност за вас. Имајте во предвид дека вашите интереси можат да се променат со текот на времето и затоа е важно повторно да се навратите на нив секогаш кога се наоѓате во одредена кариерна транзиција.

Јаки страни

Иако е потребно да ги истражите вашите интереси и вредности во процесот на кариерно планирање, подеднакво е важно да ги истражите и вашите јаки страни. Осознавањето на вашите јаки страни ќе ви помогне полесно да откриете во кои професии би можеле најдобро да ги искористите истите.

Некои од клучните јаки страни односно вештини кои се барани во професионалната средина се следните:

  • Комуникациски вештини – способноста за пренесување на идеи и активното слушање се вештини кои се корисни во секоја професија и потребни за успешна интеракција со колеги и клиенти.
  • Организациски вештини – способност за планирање на работните задачи со цел истите да бидат предвидени во одреден временски рок со ставање на приоритет на итните задачи.
  • Способност за решавање проблеми – способноста за идентификување, анализирање и решавање на проблемите е една од најважните вештини кои работодавачите ги бараат од своите вработени.
  • Прилагодливост – лицата кои брзо се прилагодуваат на нови технологии и ситуации во професијата многу повеќе се издвојуваат од конкуренцијата.
  • Лидерски вештини – особено потребни кај лицата кои водат и мотивираат тимови со цел постигнување на заеднички резултати.
  • Емоционална интелигенција – емпатијата и разбирањето на емоциите на останатите е особено важно за овозможување на добра работна средина и соработка.
  • Управување со време – правилното управување со време е корисно во секоја професија особено во професиите кои се тесно поврзани со почитување на одредени рокови во работата.
  • Внимавање на деталите – прецизноста е многу потребна вештина кај професионалците кои работат во технички струки и може да биде огромна предност во индустрии во кои доминира технологијата.
  • Аналитичко мислење – критичката анализа на податоци, информации и трендови е особено корисна во професиите каде се работи на некаков производ или услуга.
  • Креативност – спобноста за размислување надвор од опптоприфатенте рамки и изнаоѓање на креативни решенија е важно во креативните професии.
  • Способност за тимска работа – ефикасната соработка со тимот е особено важна во средини каде работата во тимови е најзастапена. Вештините кои е потребно да ги поседувате се разликуваат во однос на професијата во која ќе изберете да се надоградувате. Колку повеќе ги развивате овие силни страни, толку поголем ќе биде вашиот професионален успех.

Слаби страни

Доколку утврдите дека одредена вештина ви е недоволно развиена а е клучна за вашата професија, тоа треба да го забележите и да работите на тоа. За подобро да ја планирате вашата кариера, корисно е да направите листа од слабите страни кои треба да ги подобрите. Неколку слаби страни кои може да ги наведете на вашата листа се:

  • Одолговлекување на работните задачи – секоја компанија очекува работните задачи да бидат завршени во одредена временска рамка, а одолговлекувањата можат да доведат до пропуштени рокови, намалена продуктивност и оставање на негативен впечаток кај надредените.
  • Неприфаќање на конструктивна критика – одбивањето на конструктивната критика може да го спречи вашиот личен и професионален развој.
  • Лоши комуникациски вештини – доведуваат до недоразбирања и потешкотии при соработка со клиентите и колегите.
  • Недостаток на самодоверба – ниската самодоверба може да ве спречи да ги прифатите можностите за кариерен напредок кои се пред вас и да се справите со предизвиците на работното место.
  • Неодлучност – доколку ви треба подолго време за да донесете одлука, тоа може да доведе до пропуштени можности, а вие да бидете перцепирани како личност која не е способна за преземање иницијатива.

Препознавањето и работењето на надминување на овие и други слабости може да ви помогне да ги постигнете вашите кариерни цели и да ги подобрите вашите кариерни можности. Личниот раст и развој понатаму се претвора во професионален раст и развој.

Kарактерни особини

Со цел процесот на кариерно планирање да биде уште поедноставен, важно е да обрнете внимание на вашите карактерни особини за да утврдите како истите би влијаеле на вашата кариера.

Позитивниот став кон работата и вашата професија ќе ви биде особено корисен во моменти кога се справувате со одредени предизвици. Проактивниот пристап и иницијативноста која ја покажувате може да ги потикне вашите надредени да ве постават на поодговорна лидерска позиција.

Од друга страна, цврстата работна етика ќе направи вашите колеги и клиенти во вас да гледаат посветена личност која се залага за унапредување на своите професионални интереси но и интересите на компанијата. Вашиот интегритет пак заедно со етичкото и искрено однесување им влева доверба во вашите способности како на колегите така и на вашите клиенти.

Размислете кои се вашите главни карактерни особини и како тие влијаат на можностите и предизвиците со кои се соочувате или би се соочиле на вашето работно место.

Амбиции

За да можете успешно да ја планирате вашата кариера, неопходно е да размислите за вашите амбиции. Во зависност од вашите лични убедувања и вашата професија вашите амбиции можат да бидат различни.

За некои од вас финансискиот успех е главен двигател во нивната кариера, додека пак други повеќе внимание му придаваат на тоа дали професијата и работната позиција ќе им овозможи личен и професионален развој. Дел од вас можеби сакаат да работат за некој друг на почетокот на својата кариера, но размислуваат за тоа дека понатаму би сакале сакале да станат претприемачи.

Можеби ова е еден најважните фактори во процесот на самоспознавање бидејќи ќе ви помогне да си ги замислите вашите долгорочни цели и ќе можете полесно да направите акциски план за како истите да ги остварите.

Имајте во предвид дека покрај вашите интереси и амбициите се менуваат како што чекорите по вашиот кариерен пат. Нешто што некогаш ви било многу важно како на пример прекувремени часови кои сте ги вложувале за професионален развој, понатаму може да биде во заден план, а балансот помеѓу работата и приватнот живот да биде најважен. Некогаш дури и под дејство на одредени животни одлуки како преселба, основање на семејство и слично носиме одредени кариерни одлуки. Затоа важно е да ги преиспитуваме нашите амбиции секогаш кога сме на прагот на кариерна транзиција.

Заклучок

Иако низ овој процес може да поминете и сами, важно е да се каже дека кариерниот советник е стручно обучен за да ве води низ сите кариерни транзиции и да ви помогне во процесот на самоспознавање со поставување на вистинските прашања.

За успешно да поминете низ процесот на кариерно планирање особено е важно да оставите доволно простор за процесот на самоспознавање. Откако ќе ги препознаете сопствените вредности, интереси, силни и слаби страни и амбиции, ќе можете да продолжите на следниот чекор – истражување на кариерните можности или поврзување на вашите интереси со пазарот на трудот.

На таа тема повеќе ќе се насочам во следната статија. Дотогаш? Ве охрабрувам да се обратите на вашиот кариерен советник и кој ќе ве води низ процесот на самоспознавање и ќе ви помогне да започнете со планирање на вашата кариера.

Изабела Шкоф

Еврогајденс амбасадорка за Северна Македонија

Претходно Како да ја планирате кариерата: Истражувањето на можности во процесот на кариерно планирање

Leave Your Comment

Следете нѐ

Корисни линкови

LogoFooter

Кузман Јосифовски Питу 17, 1000 Скопје

Пон – Пет: 07:30  – 16:30 

Еврогајденс Северна Македонија | 2023 - Сите права задржани ©