Како да ја планирате кариерата: Истражувањето на можности во процесот на кариерно планирање

Како да ја планирате кариерата: Истражувањето на можности во процесот на кариерно планирање

Како што веќе знаете, кариерното планирање е процес кој се одвива во четири чекори со чија помош можеме да донесеме одлука и да испланираме следниот кариерен чекор и тоа:

  1. Самопроценка
  2. Истражување на можностите
  3. Носење одлука и поставување цели
  4. Преземање акција

Во претходната статија го разгледувавме самоспознавањето како клучен чекор во отпочнувањето на процесот на планирање кариера, а сега ќе се фокусираме на следниот чекор – истражувањето на можности во кој ќе научите како да ги истражите можностите кои ви се нудат на пазарот на трудот, но и разични можности за образование и доедукација. 

Истражување Можности

Чекорот истражување можности ве поттикнува подетално да ги истражите образовните можности и можностите кои ги нуди пазарот на трудот. Во зависност од тоа во каква кариерна транзиција се наоѓате, пристапот во процесот на истражување можности ќе биде различен. 

Доколку сте лице кое завршува средно образование, овој чекор ќе изгледа многу поразлично од лице кое е во зрела доба од својата кариера и сака да промени работа. Во првиот случај, потребно ќе биде да истражувате понатамошни образовни можности, но и потенцијални кариерни можности доколку сакате веднаш да се вклучите на пазарот на трудот. Во вториот случај, ќе го истражувате пазарот на трудот низ призмата на вашите вештини, јаки и слаби страни и сѐ она што сте осознале во чекорот самоспознавање. 

Во чекорот истражување можности, важно е да обрнете внимание на следните аспекти:

  • Истражување на потенцијални кариерни патеки
  • Истражување на образовни можности и можности за доедукација
  • Истражување на трендови во индустријата

Истражување на Потенцијални Кариерни Патеки

Истражувањето на потенцијалните кариерни патеки во процесот на кариерно планирање е еден од најважните чекори бидејќи ќе ви овозможи да ги идентификувате и анализирате потенцијалните кариерни можности и истите да ги споредите со вашите способности и интереси.

Откако веќе јасно знаете кои се вашите лични и професионални карактеристики, вредности и амбиции, вистинско време е да почнете да истражувате потенцијални кариерни патеки доколку сте лице кои сѐ уште не се одлучило за конкретна кариера. Во тој случај, пожелно би било да приберете информации за различни индустрии, работни позиции и одговорности за истите, какво образование е потребно за конкретните кариери, можностите за напредок и слични информации. 

Во оваа фаза потребно е да приберете што е можно повеќе информации за занимањата кои ве интересираат со цел полесно да можете да донесете одлука и полесно до испланирате следниот кариерен чекор. Информации за различни кариери можете да добиете преку интернет, со читање книги и статии за конкретни професии, разговор со професионалци во одредена професија, но и со практикантство и job-shadowing што ви овозможува уште подиректно да се запознаете со конкретната работна позиција која ви е од интерес.

Поврзете се со професионалци кои веќе работат на одредена професија на која вие се гледате во иднина и направете интервју со нив. Или уште подобро, следете ги во рамки на еден работен ден или работна недела со цел да видите кои се нивните обврки и задолженија и да согледате дали и вие можете да се замислите како ги извршувате истите задолженија. На овој начин ќе добиете пореалистично разбирање за секојдневните аспекти на работата. Уште подобро е доколку остварите практикантство во професија која ве интересира и поминете неколку недели набљудувајќи како изгледаат работните денови на професионалци од различни кариери.

Покрај непосредното набљудување, корисна алатка во процесот на истражување е и професионалната социјална мрежа LinkedIn каде што можете да добиете повеќе информации за конкретни работни позиции, работни обврски, плата, потребни квалификации за работните позиции и слично. Исто така може да се служите и со статистички информации од Агенции за вработување  со цел да добиете најнови информации за тоа како изгледа понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

Истражување на Образовни Можности и Можности за Доедукација

Овој чекор во процесот на истражување на можности е особено важен за лицата кои се подготвуваат за влез на пазарот на трудот. Доколку сте во ситуација да избирате средно образование или високо образование, најважно е добро да ги истражите сите образовни можности кои ви се нудат. Разгледувајте ги училиштата во чии програми се нудат предмети кои ќе ве подготват за вашето понатамошно образование, но и за кариерата која еден ден сакате да ја имате.

Доколку сѐ уште не сте се одлучиле за кариерна патека, можеби средно гимназиско образование е најдобриот избор за вас, но доколку имате јасно зацртана слика за тоа каде се гледате во иднина, можеби стручното образование ќе ви го понуди токму тоа знаење кое ви е потребно. 

Овој чекор е подеднакво важен и за лицата кои веќе се во зрела фаза од својата кариера. Бидејќи пазарот на трудот и професиите се менуваат вртоглаво, потребно е да ги следите трендовите и да бидете во тек со новите алатки кои се користат, но и вештините кои теба да ги доразвиете. Во овој случај, доедукацијата може да ви помогне да стекнете дополнителни квалификации и да се истакнете на вашето постоечко или ново работно место.

Истражување на Трендови во Индустријата

Пазарот на трудот и индустриите постојано се менуваат, а сите лица кои планираат да се вклучат на пазарот на труд или да променат работна позиција, треба постојано да ги следат трендовите. Меѓутоа не треба да чекате да дојдете на прагот на кариерна транзиција за да се информираате за состојбата на пазарот на трудот. Впрочем, најдобро е тоа да го правите без разлика дали веќе сте вработени или не. На тој начин, секогаш ќе бидете информирани за тоа кои кариери се во брз раст и имаат потенцијал за напредок, а кои професии пополека изумираат и ќе можете да донесете поинформирана одлука за вашата кариера.

При процесот на истражување можности важно е цело време да се навраќате на чекорот самоспознавање и сите информации кои сте ги добиле. На тој начин можете да направите пресек помеѓу она што го поседувате како вештина и сѐ она што се нуди на пазарот на трудот за лице со вашите вештини со цел да ја најдете професијата или работната позиција која ќе биде идеална за вас во тој период.

Заклучок

Процесот на истражување можности уште повеќе ве приближува до вашата кариерна одлука и понатамошното планирање на вашата кариера. По самоспознавањето и откривањето на вашите јаки и слаби страни, вашите амбиции, вредности, интереси и сѐ она што ве прави уникатни на пазарот на трудот, истражувањето на можности ви овозможува подобро да се запознаете со можностите на пазарот на трудот и каде може најдобро да ги примените своите вештини.

Меѓутоа процесот на кариерно планирање не е завршен со самоспознавањето и истражувањето можности. За процесот да биде комплетен, потребно е да донесете одлука, да си поставите цели и да преземете акција. Повеќе за тоа како да донесете одлука и да поставите цели во следната статија.

Изабела Шкоф

Еврогајденс амбасадорка за Северна Македонија

Претходно Средното образование во функција на стекнување вештини за вработливост

Leave Your Comment

Следете нѐ

Корисни линкови

LogoFooter

Кузман Јосифовски Питу 17, 1000 Скопје

Пон – Пет: 07:30  – 16:30 

Еврогајденс Северна Македонија | 2023 - Сите права задржани ©