Како да ја планирате кариерата: Носењето на одлуки и поставувањето цели во процесот на кариерно планирање

Како да ја планирате кариерата: Носењето на одлуки и поставувањето цели во процесот на кариерно планирање

Откако сте ја направиле самопроценката и сте ги истражиле можностите на пазарот на
труд е носењето на одлука и поставувањето на конкретни цели е следниот чекор во
планирањето на кариера.


Меѓутоа како знаете дали сте ја донеле вистинската одлука? Дали знаете како да си ги
поставите вистинските цели кои ќе ве одведат на вашата посакувана кариерна патека?

Процесот на донесување одлуки и поставувањето на добро осмислени цели ќе биде
главниот фокус на оваа статија и ќе ви помогне да научите како да носите информирани
одлуки, да поставувате јасни цели, но и да направите план за како да ги реализирате
истите.


Како да Донесете Информирана Кариерна Одлука?


Факт е дека нема еден единствен начин да донесете одлука за вашата кариера, меѓутоа
таа одлука никако не треба да биде случајна, напротив, треба да направите информирана
одлука. Пред да почнете да размислувате за процесот на донесување одлука, важно е:

  • Да се осигурате дека ги имате сите потребни информации (на пример доколку
    треба да направите одлука во која компанија да се вработите, а треба да изберете
    помеѓу две компании, важно е детално да ги истражите компаниите, нивната визија
    и мисија, вредности, поле на делување)
  • Правилно да ги измерите и да ги споредите можностите (пред да ја донесете
    одлуката, важно е детално ги истражувате и споредувате условите за работа кои
    ви ги нуди секоја од компаниите, а уште подобро би било да разговарате со
    вработен во компанијата кој може да ви каже кои се условите од перспектива на
    вработен).

Анализа на Предности и Недостатоци


Првиот чекор во процесот на донесување одлука е секако анализата. Постојат многу
методи кои можете да ги употребите со цел да си го олесните процесот на донесување
одлука, меѓутоа еден од наједноставните е анализата на добрите и лошите страни
(предности и недостатоци), односно (pros and cons analysis).


Оваа анализа, која е исто така една од наједноставните матрици за донесување одлуки, е
систематска алатка која ви помага да процените помеѓу неколку опции. Кога ја
анализирате ситуацијата на ваков начин, важно е да ги земете во предвид следните
чекори:

  • Идентификувајте ја конкретната одлука која треба да ја донесете (доколку
    избирате помеѓу различни понуди за работа наведете го тоа)
  • Наведете ги сите опции односно алтернативи (наведете ги различните понуди
    за работа односно различните компании)
  • Определете ги критериумите за евалуација (дефинирајте критериуми кои ви се
    важни за одлуката која ја донесувате. Некои од критериумите кои би можеле да ги
    вклучите доколку одлучувате помеѓу неколку понуди за работа се: плата, локација
    на работно место, можности за раст во рамки на компанијата и сл.)
  • Наведете ги добрите (предностите) и лошите (недостатоците) страни на секој
    критериум и бидете конкретни (на пример во критериум плата кај недостаток
    можете да ставите ниска почетна плата, меѓутоа предност може да биде тоа што
    по три месеци работен ангажман веќе можете да преговарате за повисока плата
    доколку сте се покажале добро на работната позиција)
  • Оценете ја секоја алтернатива според критериумите (доделете оценка за секоја
    предност и недостаток)
  • Пресметајте ги вкупните оценки (пресметајте го вкупниот резултат на
    предностите и недостатоците за секоја алтернатива и направете квантитативна и
    квалитативна споредба)
  • Донесете одлука (разгледајте ги резултатите кои сте ги добиле по анализата и
    размислете која алтернатива ви изгледа како најповолна вез основа на вашата
    проценка)
  • Размислете уште еднаш за да се осигурате дека сте направиле информирана
    одлука (понекогаш одлуката со највисока оценка можеби не е најдобриот избор
    доколку со себе носи значителни ризици кои вие не сте подготвени да ги
    превземете. Размислете како оваа одлука ќе влијае и на други аспекти од вашиот
    живот и колку истата се вклопува со кариерната визија која сте си ја замислиле на
    почетокот на процесот на кариерно советување).

Поставување на Цели и Правење на План за Акција

Следниот чекор откако ќе ја донесете одлуката е нејзината имплементација. Овој чекор е
еден од најважните бидејќи донесувањето на одлуката не значи ништо доколку истата не
сме ја имплементирале. Со цел правилно да ја имплементирате одлуката потребно е да
си поставите цели и да направите план за акција.

Поставување на Цели (SMART)

Една од најкорисните алатки за поставување цели е SMART рамката која ви помага да
поставите добро дефинирани цели и да се осигурате дека истите се јасно поставени,
реални и остварливи што значи дека е поверојатно дека ќе ги постигнете. Оваа рамка е
акроним составен од следните компоненти:

  • Specific – Специфична односно конкретната цел е онаа која е јасно дефинирана (
    пример за ваква цел: Сакам да обезбедам работа како кариерен советник со полно
    работно време во реномиран универзитетски центар за кариера)
  • Measurable – Поставување на мерлива цел значи дека може да го следите и
    мерите најзиниот напредок (пример за ваква цел: Ќе аплицирам на најмалку две
    работни места во областа на кариерно советување неделно)
  • Achievable – Остварлива цел е онаа која ги зема во предвид вашите вештини,
    ресурси и ограничувања (пример за ваква цел: имам магистерски студии по
    советување за кариера и релевантно искуство за практикантска работа, што ме
    прави квалификуван кандидат за такви позиции)
  • Relevant – Релевантна цел е онаа која е усогласена со вашите долгорочни планови
    и вашата кариерна визија (пример за ваква цел: позицијата кариерен советник се
    усогласува со мојата страст да им помагам на поединците да направат
    информиран избор за кариера и да ги искористат своите вештини)
  • Time-bound – Временски ограничената цел има специфичен краен рок или
    временска рамка до кога е предвидено да се заврши истата (Имам за цел да
    обезбедам работа во кариерно советување во следните три месеци).

Со користење на оваа рамка за поставување на цели вие можете да дефинирате цели кои
се добро дефинирани, мерливи, остварливи, релевантни и временски ограничени. Тоа ви
овозможува да останете фокусирани при процесот на реализирање на вашите цели и ја
зголемува веројатноста за успешно постигнување на целите.

Правење на План за Акција

Со цел да ги постигнете вашите SMART цели, потребно е да направите план за акција.
Ваквиот план наједноставно ќе го направите кога ќе ги разложите вашите главни задачи
на поситни делови кои ќе ви овозможат подобро да ги планирате истите и да менаџирате
со вашите приоритети. За да го направите планот за акција, важни се следните чекори:

  • Напишете ги вашите конкретни цели
  • Разложете ги целите на помали делови и запишете ги во табела
  • Ставете критериум за успех (Како ќе знаете дали сте биле успешни или не?
  • Идентификуваје ги потребните ресурси и распрелба на одговорностите во рамки на
    тимот (доколку работите тимска работа
  • Запишете ја временската рамка која сте ја предвиделе за исполнување на целите
    за секој дел и редовно следете го напредокот
  • Наведете ги ресурсите кои ви се неопходни за завршување на секој дел
  • Бидете флексибилни бидејќи околностите може да се променат

Запомнете, планот за акција треба да се прилагодува доколку има потреба од тоа, но
истиот е ваша основна алатка за мерење и следење на реализацијата на вашите цели.

Заклучок

Изреката „Добар план е половина завршена работа“ е особено важна во процесот на
планирање кариера бидејќи правењето на план ви овозможува појасно да го видите патот
кој треба да го поминете за да ја креирате вашата кариера од соништата. Верувајте дека
со добар план сте еден чекор поблиску до остварување на вашата визија. Тогаш зошто да
не почнете денес?

Изабела Шкоф
Еврогајденс амбасадорка за Северна Македонија

Претходно Oдржан работен состанок за Европас, Еврогајденс и еТвининг со Министерство за образование и наука

Leave Your Comment

Следете нѐ

Корисни линкови

LogoFooter

Кузман Јосифовски Питу 17, 1000 Скопје

Пон – Пет: 07:30  – 16:30 

Еврогајденс Северна Македонија | 2023 - Сите права задржани ©