Како да ја планирате кариерата: Преземање акција во три чекори

Како да ја планирате кариерата: Преземање акција во три чекори

Како што веќе знаете, планирањето на вашата кариера е клучен чекор за постигнување на професионален успех и лично исполнување на работното место. Иако е од особена важност да поминете низ процесите на самопроценка, истражување на кариерни можности, носење одлуки и поставување цели, сè би било залудно доколку не превземете конкретни чекори за да ги претворите вашите идеи во реалност.

Во оваа статија ќе навлезам малку подлабоко во процесот на преземање акција и како користењето на алатки за барање работа, поврзување со потенцијалните работодавци и стекнувањето на искуство може да ве доведе чекор поблиску до работата која ја сакате и кариерата од соништата.

Чекор 1: Важноста на алатките за барање на работа

Во нашава дигитална ера, речиси е невозможно да започнеме со процесот на барање работа без да искористиме најмалку една дигитална алатка која ќе ни го олесни истиот. За да го го остварите вашиот потенцијал следниве алатки би биле многу корисни за вас .

Онлајн портали за работа

Улогата на секцијата за вработувања во весниците денес за преземаа онлајн порталите за работа како Glassdoor, Upwork, Vrabotuvanje, Kariera.mk, но и професионалните социјални мрежи како LinkedIn. Тука можете редовно да ги следите најновите огласи за вработување, но и да пребарувате огласи ра работни позиции според вашите вештини и интереси.

Платформи за вмрежување

Иако на LinkedIn можете да најдете многубројни огласи за вработување, оваа платформа ви нуди можност да се поврзете со професионалци во вашата индустрија. Користете ја за да се придружите на групи кои ви се корисни, да учествувате во дискусии, но и да побарате совет од други професионалци. Дополнително е важно и редовно да го ажурирате вашиот профил со за градење на добра мрежа и станување поконкурентни на пазарот на трудот.

Веб-страница на компанијата

Веб-страниците на компаниите каде би сакале да побарате вработување се уште еден извонреден извор на информации. На нив можете да ги најдете сите информации за компанијата, проектите на кои работат, но често може да најдете и огласи за вработување кои можеби сè уште не се објавени на надворешни платформи. 

Чекор 2:  Поврзување со работодавачите

Градењето на врски со потенцијалните работодавачи е од особена важност на пазарот на труд кој станува сè поконкурентен. Испробајте неколку од следниве начини кои ќе ви овозможат ефективно да се поврзете со потенцијалните работодавачи.

Присуствувајте на настани за вмрежување

Еден од наједноставните начини да се запознаете со потенцијални работодавачи, да ја проширите вашата професионална мрежа, но и да дознаете повеќе за условите за работа во одредена компанија се физичките и виртуелните настани за вмрежување. Земете учество на различни конференции, семинари и работилници кои ве интересираат и искористете ги како место за запознавање на професионалци од вашата и сродни професиии. На овие настани секогаш видете подготвени и со себе носете визит-картички, пријатна енергија, но не заборавајте и да го подготвите вашиот „говор во лифт“ доколку се запознаете со личност која може да ви помогне да стапите во контакт со одредена компанија каде би сакале да работите.

Бидете активни на професионалните социјални мрежи

Уште еден начин со помош на кој можете да се поврзете со потенцијални работодавци е со активно користење на професионалните социјални мрежи. LinkedIn нуди можност да следите различни компании и нивните активности, да учествувате во дискусии, но и да го споделувате вашето мислење за релевантни теми во коментари или пак како посебни блог постови на вашиот профил.

Испратете им е-пошта на компаниите за кои сте заинтересирани

Со цел да го покажете вашиот проактивен пристап и вашата иницијативност пред потенцијалните работодавачи, можете да испратите е-пошта во која ќе го изразите вашиот интерес за работа во нивната компанија. Во е-поштата нагласете ги вашите вештини, интереси и распрашајте се за потенцијалните можности. Можеби токму овој пристап ќе ве доведе до нова работна позиција.

Чекор 3: Стекнете искуство

Додека го чекате вашето следно вработување има неколку начини на кои можете да го подобрите вашето работно искуство без разлика дали тукушто сте завршиле факултет или веќе имате долгогодишно работно искуство.

Практикантски позиции

Наједноставен начин да се стекнете со работно искуство е да започнете со практикантска позиција. Дел од компаниите дури и обезбедуваат компензација, а стекнатите искуства значително ја зголемуваат вашата вработливост во иднина.барајте практикантски позиции кои се усогласени со вашите кариерни цели.

Хонорарни проекти

Хонорарните проекти се одлична идеја за лица кои немаат никакво работно искуство, бидејќи ви овозможуваат да ги покажете вашите вештини и да изградите портфолио. Но, исто така се корисни и за лица со долгогодишно искуство кои можеби сакаат да отпочнат фриленс кариера, да имаат дополнителен приход или пак да си обезбедат приходи во период кога се помеѓу две работи. Платформи како Upwork, Fiverr, JobRack и слични можат да ве поврзат со голем број краткорочни проекти.

Волонтирање

Уште еден начин за стекнување искуство, но и давање придонес на вашата заедница е волонтирањето. Вештините стекнати преку волонтерство можат да бидат исто толку релевантни и привлечни за работодавачите како и оние стекнати со платена позиција.

Професионални здруженија

Приклучувањето кон професионални здруженија поврзани со вашата област на работа е извонредна можност за размена на знаења, присуствување на конференции, работилници и настани организирани од овие здруженија. На овој начин не само што останувате во тек со најновите трендови во индустријата, но дополнително можете да стекнете и нови професионални контакти. Од друга страна пак, активното вклучување во вакви организации може да ве доведе до лидерски улоги во рамки на здружението што дополнително го зголемува вашиот професионален кредибилитет.

Заклучок

Сигурно веќе заклучивте дека планирањето на кариерата не е пасивен потфат, напротив, тоа бара аналитички и стратешки пристап, искористување на можностите кои ви се нудат, но и преземање на ризици. Запомнете дека процесот на планирање кариера не завршува откако ќе се вработиме бидејќи пазарот на трудот се менува, но се менуваат и вашите интереси. Затоа е важно постојано да ја правите самопроценката, да бидете во тек со случувањата на пазарот на трудот, да планирате, но и да не се плашите од преземање ризици. Само на таков начин ќе ја изградите кариерата од соништата.

Изабела Шкоф
Еврогајденс амбасадорка за Северна Македонија

Претходно Одржана презентација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола

Leave Your Comment

Следете нѐ

Корисни линкови

LogoFooter

Кузман Јосифовски Питу 17, 1000 Скопје

Пон – Пет: 07:30  – 16:30 

Еврогајденс Северна Македонија | 2023 - Сите права задржани ©