Средното образование во функција на стекнување вештини за вработливост

Средното образование во функција на стекнување вештини за вработливост

„Вештините за вработливост се исто толку клучни за добивање работа како и сè што учениците би можеле да научат во училницата“. 

“Employability skills are as critical to getting a job as anything students could learn in the classroom,”

Високата стапка на невработеност, техничкиот напредок и глобализацијата, од една страна, и реорганизацијата на производните процеси, од друга страна, значително ја изменија побарувачката за вештини во текот на изминатите неколку децении. Како резултат на овие долгорочни трендови, не е сигурно дека вештините и квалификациите стекнати во образовниот систем ќе бидат во можност да ги задоволат тековните и новите потреби, што значи дека постои можност за натамошна нерамнотежа и празнини во синџирот на понуда и побарувачка за вештини и компетентна работна сила на пазарот. 

Често се претпоставува дека средношколците кои избрале стручно образование, веќе избрале и занимање или кариера и дека не им е потребна дополнителна поддршка со процес на планирање на кариера. Ако се прифати ваквото размислување,  произлегува дека процесот на планирање на кариера е посветен само на поддршка на учениците при избор на занимање.  Ова може да резултира со тоа што оние ученици кои запишале стручно образование и немаат намера да влезат во високо образование, воопшто не треба да добиваат помош во планирање на кариерата. 

Но, во основа ваквите размислувања се погрешни, затоа што планирањето на кариера има многу поширок опсег на делување и не се состои само од избор на занимање или професија. Тука влегува јакнењето на вештините за истражување на пазарот на труд, откривање на сопствените силни и слаби страни и споредување со професијата од соништата, вештините за прилагодување кои ќе обезбедат флексибилен премин  од средно стручно образование кон пазарот на труд и неговите брзи промени. 

Ако ова воопшто стои како дилема, тогаш мора да се тргне од фактот, што е тоа што го бараат работодавачите. Вештините за вработливост кои се денес клучни за влез на пазарот на труд, работодавачите ги очекуваат од сите потенцијални вработени без разлика дали  завршиле средно или високо образование. Од таа причина е многу јасно  дека кариерното советување и процесот на планирање на кариера во средното образование треба да се ориентира и кон градење компетенции за вработливост. Односно,  потребна е ориентираност на средното образование кон стекнување компетенции за вработливост, без разлика дали станува збор на стручно или гимназиско образование. 

 Воведувањето елементи на кариерно советување во наставата не е реформа само по себе. Тоа треба да предизвика поинаков пристап во наставата и учењето. Наставниците, но и самите ученици треба во процесот на учење да бидат ориентирани не само кон остварување на целите во наставните планови, туку и кон целите што треба да ги направат учениците успешни на пазарот на труд. 

Ориентацијата кон стекнување на компетенции за вработливост, а особено на компетенциите за кариерен развој, ќе предизвика отворање на училиштето кон надворешниот свет, светот на работата. Ваквата ориентација ќе ја видоизмени наставната методологија и ќе овозможи компетенциите за вработливост и планирањето на кариера, да бидат дел од наставните содржини. Притоа, овие содржини ќе се испреплетат со тематската содржина од предметите кои се изучуваат и ќе обезбедат интердисциплинарност во наставата. Примената на наставните содржини во практично применлив, интердисциплинарен контекст во основа ќе го унапреди целиот процес на учење.

За да се одговори на овие предизвици, во нашата држава се разви стратегија која ќе придонесе стручното образование и обука да прерасне во клучен чинител во развојот на работната сила. Оваа стратегија и мерките предвидени во неа овозможуваат стручното образование и обука да ја зајакне сопствената атрактивност, релевантност и квалитет.  Тоа треба на младите да им понуди поразновидни и флексибилни можности за учење и стекнување компетенции за вработливост.

На јакнење на компетенциите за вработливост кај младите во Република Северна Македонија се работи и преку дополнително проширување и продлабочување на концептот на учење преку работа во компании. Ваквиот концепт е насочен кон намалување на неусогласеноста помеѓу вештините кои се стекнуваат во образовниот процес и вештините кои се бараат на пазарот на труд. Главна компонента на која се посветува големо внимание во овој момент е дуалното образование, како една од компонентите преку кои Министерството за образование и наука континуирано го јакне средното стручно образование.

Во рамки на активностите за заживување на дуалниот систем, во нашата држава се преземаат чекори во две клучни области. Првата област е функционално јавно-приватно партнерство и социјален дијалог. Втората област е интегрирањето на стручната педагогија во светот на работата. Она на што се посветува најголемо внимание во почетните фази на имплементација,  е  компанијата да се доближи до ученикот за да го почувствува духот на работењето и да му стане реален поимот работодавач.

Претходно МЛАДИТЕ И ВЛИЈАНИЕТО НА РОДИТЕЛИТЕ ВРЗ НИВНИОТ КАРИЕРЕН РАЗВОЈ

Leave Your Comment

Следете нѐ

Корисни линкови

LogoFooter

Кузман Јосифовски Питу 17, 1000 Скопје

Пон – Пет: 07:30  – 16:30 

Еврогајденс Северна Македонија | 2023 - Сите права задржани ©