Улогата на кариерниот советник како клучна алка во професионалниот развој на средношколците

Улогата на кариерниот советник како клучна алка во професионалниот развој на средношколците

Процесот на кариерно советување  се опишува како процес на поддршка, во кој е неопходно одлуката и дејствијата да бидат направени од самиот ученик. Самиот процес може да се сублимира во три негови специфики: интеракција, процес, промена (ИПП).

Интеракцијата помеѓу советникот за кариера и ученикот е еден од факторите за обезбедување успех или промена кај учениците. Советникот е тој што ги воспоставува односите и создава клима за градење меѓусебно почитување и доверба со ученикот, планира конкретни активности кои ќе овозможат непречено одвивање на целиот процес кој треба да доведе до промена. 

Промената може да има различен карактер. Крајна цел на кариерното водство не значи конечен избор на кариерна патека. Некогаш е доволно ученикот да помине низ процесот за да го совлада, а ќе може да го користи секогаш кога ќе се наоѓа во период на транзиција. Промена е и ако ученикот почне да размислува за себе од агол на професионален развој или да се запознае себеси преку сопствените вредности, интереси и да стане свесен што умее и може.  Тука е и свесноста за потребата од планирање на кариера, познавање на извори на информации, градење вештини за одлучување и сл. Или со еден збор, процесот треба да изгради зрела личност подготвена за професионален избор. 

Процесот на кариерно советување е многу повеќе од серија дискусии и запишување конкретни факти. Тој се карактеризира со редослед на добро осмислени и дефинирани фази во специфичен циклус. Успехот или неуспехот на еден процес за советување за кариера, исто така зависи од тоа колку се почитува редоследот на фазите во циклусот на планирање на кариера, но и од ангажираноста на двете страни во тој процес. 

Што е најважно, практиката покажала дека иако постојат признати и најдобри практики во полето за развој на кариерата, процесот  неможе да биде стандардизиран затоа што секој ученик е различен. Ефикасното работење на кариерниот советник со средношколците,  значи да се препознае потребата од професионалност и одговорност во овој сложен процес. Кариерното водство бара знаење, емпатија, трпение, сочувство, интуиција, културна компетентност и ефективна употреба на теории и рамки. 

Како кариерни советници секогаш треба да имаме во предвид дека во оваа фаза на развој, самосвесноста на средношколците поврзана со кариерата сè уште е ограничена на нивното непосредно искуство. Малкумина од нив имаат конкретни разбирања за односот помеѓу личните вредности и интереси со изборот на кариера. Тие сè уште се во процес на зацврстување на сопствениот идентитет како млади личности, и многи често не можат да ги одвојат сопствените вредности, верувања и интереси од оние на нивните врсници или семејства. Тие донесуваат големи одлуки за својата кариера врз основа на едноставни критериуми. На пример, земаат во предвид  само една своја вештина или интерес која ја препознаваат во одредена популарна работна позиција. Или, често ги идентификуваат работните интереси врз основа на она што го слушаат од медиумите, го гледаат во ТВ сериите или го препознаваат како атрактивно во современиот свет на живеење. 

Кај средношколците, кои треба да донесат одлуки поврзани со нивната кариера, се препознаваат различни нивоа на ангажираност кога станува збор на темата кариерен развој. Нивоата на ангажираност се разликуваат во зависност од низа внатрешни и надворешни фактори. Тука секако имаат влијание и нивните искуства и околностите во кои се развиваат како личности. Честопати како кариерни советници се прашуваме, дали услугите за кариерно советување и водство им се доволно достапни на учениците. Или, дали средношколците имаат доволно сознанија за придобивките од овие услуги? 

Сепак, сите тие прават некаков избор за својата професионална иднина без разлика дали се или не се вклучени во процес на кариерно советување во текот на образованието. Но, последиците од грешките при избор на кариера ги чувствуваат многу покасно. 

Дел од средношколците, кои ги оценуваме како ангажирани, учествуваат во голем број структурирани активности кои им се нудат во формалното и неформалното образование.  Со тоа тие ги развиваат своите интереси, доаѓаат до поголем број информации и имаат поголеми очекувања поврзани со нивната кариера споредено со учениците кои се помалку или воопшто не се ангажирани во вакви активности. Ангажираните средношколци многу полесно ги препознаваат сопствените интереси, стануваат свесни за работите во кои уживаат и во кои се истакнуваат пред останатите. 

Вклучувањето во процес на кариерно советување кај ваквите ученици овозможува да ги поврзат совладаните вештини со потребите на пазарот на трудот и да станат свесни дека нивните интереси може да доведат до остварливи кариерни патеки.

Претходно Работен состанок за европските образовни мрежи во Биро за развој на образование

Leave Your Comment

Следете нѐ

Корисни линкови

LogoFooter

Кузман Јосифовски Питу 17, 1000 Скопје

Пон – Пет: 07:30  – 16:30 

Еврогајденс Северна Македонија | 2023 - Сите права задржани ©