Употреба на дигитална технологија за испорака на услуги за развој на кариера

Употреба на дигитална технологија за испорака на услуги за развој на кариера

Кариерното советување денес се фокусира на можностите за развој или промена на правецот на кариера на една личност. Процесот на советување генерално ги анализира карактеристиките на поединецот, неговите интереси, сетовите на вештини, работните вредности и искуството. Се користат специфични сетови од алатки кои ќе му помогнат на поединецот да се запознае и да се разбере себеси и светот на работата за да донесе одлуки поврзани со кариерата и/или образованието. Процесот ќе му обезбеди знаења и вештини кои и во иднина ќе му го олеснуваат  донесувањето кариерни и животни одлуки. Кариерното советување може да биде соодветно за сите поединци кои се наоѓаат во период на транзиција, без разлика на нивната возраст. Може да се понуди на индивидуална основа или како групно советување.

Сето ова важи и за онлајн кариерно советување/водство, бидејќи овозможува испорака на сите овие споменати услуги. Употребата на дигитална технологија за да се испорача кариерното советување секако има свои потенцијални предности но и недостатоци.  

Времето на пандемија го отвори патот за влез на онлајн кариерното советување во секторот за развој на кариера и во нашата држава, Северна Македонија. Соочени со предизвиците на новото време и водени од глобалните промени, кариерните советници во нашата држава, ја прифатија дигитализацијата во овој сектор како реално потребна и неизбежна. Традиционалниот начин, односно комуникацијата лице в лице во соодветно дизајниран простор, многу брзо почна да се заменува со онлајн кариерно советување/водство. Вложувајќи во градење на сопствените дигитални вештини, како кариерни советници се прилагодувавме и на потребите и барањата на клиентите.  И тоа, беше време на големи предизвици. 

  • Како да се идентификува најсигурната платформа?
  • Како да се обезбеди безбедност на податоците и доверба со клиентите?
  • Постојат стотици онлајн тестови за самопроценка, но тие не се официјално оценети за нивната валидност и доверливост и најчесто не се на македонски јазик. 

Во најголем дел од случаите, ваквите предизвици ги решававме со користење на единствената стандардизирана дигитална алатка која може да се користи на македонски јазик, а тоа е БИПО (Батерија инструменти за професионална ориентација. Овие инструменти се наменети за лица над 16 години и може да ги користат кариерни советници од училиштата и од центрите за вработување при процес на советување на ученици од средните училишта односно млади невработени лица. Пристапот до инструментот е овозможен со лозинка на кариерниот советник кој поминал специфична обука за користење, толкување и испорака на резултати од истиот. Батеријата претставува комбинација од три различни прашалници или скали на проценка:

1. Прашалник за професионални интересирања-ППИ

2. Прашалник за работни вредности –ПРВ

3.Тип-индикатор тест на личност-ТИТ

Изработена е од тим македонски експерти од институтот по Психологија и одобрена за употреба во 2015 год. од МОН (Министерство за образование и наука).

Пристапот на учениците до онлајн прашалниците се овозможува со лозинка генерирана од кариерен советник. После пополнувањето, резултатите ги добива кариерниот советник кој ги толкува истите и ги подготвува за презентирање пред ученикот во најсоодветна форма – дискусија околу можните избори. 

Самите резултати претставуваат палета на можни професии кои би биле можни избори за ученикот, согласно неговите интереси, вредности и тип на личност. 

Моето неколку годишно искуство во користење на БИПО како дигитална алатка, покажува навистина позитивни ефекти и значително го олеснува  процесот на избор и донесување одлука, која секако не се темели единствено на резултатот од оваа алатка.  Истата буди голем интерес за пополнување од страна на учениците. 

Мора да се нагласи дека онлајн кариерното советување во Северна Македонија е сеуште во фаза на развивање и се соочува со поголем број предизвици. За да изградиме систем кој добро ќе функционира и ќе одговори на потребите на сите засегнати страни во овој процес, потребна е заедничка ангажираност. Пред нас е време кога треба да се работи на обезбедување сигурен дигитален простор кој ќе го подобри пристапот до информации за кариера, услуги и поддршка на широк спектар граѓани. Од друга страна ќе го надополни  портфолиото на услуги кои ќе бидат значајна поддршка за сите кариерни советници кои се подготвени да внесат современа методологија во секторот за развој на кариера во нашата држава.

Претходно Дигитализацијата повикува на дигитална трансформација во кариерното советување/водство

Следете нѐ

Корисни линкови

LogoFooter

Кузман Јосифовски Питу 17, 1000 Скопје

Пон – Пет: 07:30  – 16:30 

Еврогајденс Северна Македонија | 2023 - Сите права задржани ©